Content.

3. Кратка историја на Интернет рекламирањето

Рекламирањето на Интернет има многу кратка историја, почнувајќи со лансирањето на комерцијалниот Интернет сервис - Prodigy, преку т.н. spam wars па се до лансирањето на HotWired Интернет списанието.

Во почетокот

Далеку пред комерцијализацијата на Интернетот, Prodigy ги тестираше можностите за рекламирање на Интернет. Кога сервисот започна со работа во 1990, го имаше усвоено рекламирањето како извор на приходи. Тоа беше еден осамен експеримент во оваа област; останатите комерцијални Интернет сервиси како да се срамеа да инкорпорираат рекламирање во нивните содржини. CompuServe започна со работа во 1979 но за првпат започна да работи со реклами дури 1995. Исто така и America Online (AOL) не го сфаќаше рекламирањето сериозно сé до есента 1995. Денес многу од членовите од првичниот тим за Интернет рекламирање од Prodigy се одговорни за рекламирањето на некои од врвните Интернет страници.

Спем војните

Додека Prodigy експериментираше со рекламирањето во средини наменети само за претплатници, други ги испитуваа комерцијалните импликации на Интернет сервисите. Во 1994, правната фирма Canter and Siegel помисли дека го открила најдобриот начин за користење на Интернетот како ефтин маркетинг медиум со праќање на реклама на преку 7000 newsgroups (Интернет дискусиони форуми). Интернет етиката обврзува дискусионите групи да не се користат за праќање на комерцијални материјали кои немаат никаква врска со темата на дискусионата група. Ваквите комерцијални пораки, исто како и небараните e-mail пораки беа наречени spam. Спемот почна да им пречи на дискусионите групи, поматувајќи им ги темите на дискусија, а и да ги прави нервозни индивидуалните корисници на електронска пошта.

Иако Canter and Siegel имаа корист од пратените реклами, сепак предизвиканиот гнев ја наруши репутацијата на фирмата во рамките на Интернет заедницата. Нивниот сервер паѓаше 15 пати како резултат на поплавата од 30 000 протестни пораки за само 18 часа. На крајот, серверот ги откажа своите услуги за оваа фирма. Canter and Siegel продолжиа да работат преку два други сервери со намера да праќаат уште повеќе реклами. Ваквата постапка на фирмата стана главна вест и во печатените медиуми и фирмата доби на публицитет, но беше ставена на “црната листа” на Интернет провајдери кои им ги откажуваа услугите не сакајќи да се соочат со илјадници пораки полни со Football Betting Predictions.

Прифаќање

Овие спем војни се случија токму пред Wired списанието да го лансира HotWired (www.hotwired.com), нивно сестринско списание замислено како рекламен бизнис модел. Плашејќи се од Интернет заедницата, HotWired ги намали димензиите кои првично планираше да ги користи за својата прва реклама, таканаречената рекламна лента (banner ad).

HotWired го потпиша својот прв договор за рекламирање со AT&T на 15 април 1994 и ја лансираше својата страница на 27 октомври истата година. Ова е и официјално првата реклама која се појавува на Интернет. На нивно пријатно изненадување никој немаше критики за рекламите. Набргу на истата страница огласуваа IBM и Pepsi. Иако HotWired се надеваше на профит од продажбата на реклами, сепак започна без посебен оддел за продажба, односно, го користеше персоналот на своето печатено издание Wired.

Ова се покажа успешно бидејќи постоеја само две агенции кои се занимаваа со Интернет рекламирање; Modem Media (сега Modem Media Poppe Tyson www.modemmedia.com) и Messner Vetere Berge McNamee Schmetterer (www.mvbms.com). Заедно, клиентите на овие две агенции сочинуваа речиси половина од огласувачите - се сеќава Rick Boyce, потпреседател за рекламирање во HotWired. Луѓето од Modem Media беа толку убедени во значењето на тоа да се биде спонзор-закупувач на HotWired што имаа купено реклами уште пред да добијат конечна потврда од својот клиент, AT&T, бидејќи никој во AT&T не беше подготвен да преземе одговорност за купување на реклами на Интернет. Ризикот што го презема Modem Media се исплатеше: спонзорите-закупувачи се здобија со огромен капацитет при лансирањето на страницата.

Word (www.word.com) беше второто Интернет списание кое потпиша договори со спонзори. Своите први спонзорства, Zima (алкохолен пијалок - производ на Пепси) и MasterCard ги доби повторно преку Интернет рекламните визионери од Modem Media. Наскоро, и други страници “се тепаа” да прифатат реклами, и денес постојат стотици илјадници страници кои прифаќаат рекламирање.